јуни 4, 2018

Скопје, 4. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Македонската машка ракометна репрезентација денеска ги почнува подготовките за бараж-дуелите со Романија (в недела во Скопје и на 13 јуни во Клуж) за пласман на Светското првенство в година во Германија и во Данска.

Селекторот Раул Гонзалес прозивката ја закажа во 16.30 часот во хотелот „Александар Палас“, а еден час подоцна, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ракометарите ќе го одржат првиот тренинг.

На подготовките Гонзалес на располагање ќе има 20 ракометари, а поради обврски кон своите клубови Вецлар и Левен, првите тренинзи од подготовките ќе ги пропуштат централниот бек Филип Миркуловски и левиот бек Филип Талески.

За подготовка на репрезентацијата, Гонзалес и стручниот штаб на располагање ќе имаат шест дена, во кои ќе се работи на техничко-тактичка синхронизација на селекцијата, за да може на дело да се реализира тактика предвидена за двата бараж дуели.

Пред првиот тренинг на сениорската репрезентација, со подготовки почна и комбинираната репрезентација, која ќе ја претставува Македонија на Медитеранските игри во Тарагона, Шпанија.Репрезентативците што не се дел од А-селекцијата ќе работат под водство на Роберто Парондо Гарсија, а по завршувањето на квалификациските бараж-мечеви со Романија репрезентацијата ќе се комплетира.

На медитеранскиот список го нема Филип Талески, па лидери на селекцијата во Тарагона се очекува да бидат Жарко Пешевски, Филип Кузмановски и Гоце Ојлески. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука