април 29, 2018

Скопје, 29. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Еден натпревар или 60 минути го делат европскиот шампион Вардар од нов настап на завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони. Вардар денеска  ќе го пречека Кил, во реванш натпреварот од четврт-финалната фаза. Во реваншот европскиот првак ќе влезе со предност 29:28.

Вардар е фаворит против Кил, но сите во црвено-црниот табор се свесни, дека Кил не е наивен противник и дека фаворитската улога треба да ја покажат на теренот.

„Ова ни е последен меч од Лигата на шампионите сезонава во Скопје. Имаме еден гол разлика од првиот натпревар и сметам дека овој резултат е добар. Сега играме дома и пред нашите навивачи. Сепак, не се опуштаме свесни сме дека Кил има квалитет. Има одлични ракометари кои ќе знаат да се снајдат и во Скопје. На првиот меч играа добро 3-2-1 одбрана, а за нас беше тешко да нападнеме против оваа одбрана. Моите ракометари се подготвени и сакаме уште еднаш да играме во Келн. Сите сметаат дека во Скопје ќе немаме проблем. Сите очекуваат од нас да победиме. Ќе играме под притисок, а свесни сме дека ќе биде тешко бидејќи имаме одличен противник за ривал”, вели тренерот Раул Гонзалес.

Вардар во првиот меч перфектно одигра против сите одбрани што ги сменија противничките играчи, а зрелоста, квалитетот и разновидноста во играта ја покажа и со фактот дека победата во Германија беше извојувана без некој позначителен голгетерски учинок на играчите од бековската линија.

„Кил е еден од најдобрите клубови во историјата на ракометот, и имаме респект кон нив. Победивме во Кил, но треба да го заборавиме овој дуел, во реваншот мораме да тргнеме како да е 0-0 и да се мотивираме бидејќи фајна-лфорот во Келн е нашата единствена опција”, рече капитенот на тимот Сојанче Стоилов.

Дуелот денеска ќе започне во 17 часот, сите билети се распродадени, вратите на СЦ „Јане Сандански“ ќе бидат отворени од 15:30 до 16:45 часот, а поради важноста на натпреварот и големиот интерес ќе има засилени мерки на безбедност. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука