Охрид, 23. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат празникот на светиот свештеномаченик Харалампиј, кој народот го вика и Чуминден, зашто овој светец од христијанскиот календар е поврзан со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува со чумата зашто таа се сметала за најопасна болест.
Именден празнуваат: Харалампие, Ламбе, Хари…
Светиот свештеномаченик Харалампиј, епископ од Магнезија (Тесалија) настрадал за време на царот Септимие Север кога бил вршен страшен прогон на христијаните. И покрај жестоките репресалии тој јавно ја проповедал Христовата вера, и станал популарен кога воскреснал еден мртовец. Под негово влијание царската ќерка Галина станала христијанка и ги искршила киповите на римските богови. Поради тоа бил страшно мачен. Според едно предание му биле пресечени рацете, а потоа бил исечен со меч. Според друго предание, пак, дури му била одрана кожата, а кога и тоа го примил како доближување до Бога, се помолил на својот Бог и испуштил душа, пред да се спушти мечот на џелатот врз него. Тогаш имал 113 години, а тоа се случило на 23/10 февруари 198 година. Потоа царската ќерка Галина пристојно го погребала, а неговата глава и денес се чува во манастирот Свети архиѓакон Стефан во Тесалија.
Празникот на св. свештеномаченик Харалампиј народот го вика и Чуминден, зашто овој светец од христијанскиот календар е поврзан со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува и со чумата, зашто таа се сметала за најопасна болест. И на фреските во нашите цркви св. Харалампиј е претставен како ја држи чумата во синџири, како ја тепа и мачи. Народот верувал дека св. Харалампиј е заштитник од чумата која ја соборил и победил, а тоа, всушност, бил ѓаволот олицетворен во чума, како што се верувало во Охрид. (Крај)
извор: МИА/Марко Китевски фото: архива