Календар на МПЦ-ОА: Св. Игнатиј Богоносец, ученикот на Св. апостол Јован
јануари 2, 2023

Охрид, 2. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20-ти декември, денот кој православните верници го прославуваат во чест на Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец.

Игнатиј беше ученик на св. апостол Јован. Во времето на Трајан тој беше епископ во Антиохија, каде многу се прочу по својот свет живот, така што многумина го напуштаа збрканиот незнабожечки поглед на свет и се утврдуваа во верата во Христа. На едно свое пропатување, цар Трајан дојде во Антиохија.

Пред него го изведоа овој славен епископ, а Трајан го осуди на смрт и го прати во Рим. Патувајќи за Рим, Игнатиј ги охрабруваше христијаните од градовите низ кои проаѓаше. Доста од тие негови зборови се зачуваа до денес во вид на посланија. Во Рим беше фрлен на ѕверовите и со крвта на своето сведоштво го запечати светиот живот.

Тропар

Откако стана учесник во животот на апостолите, и наследник на нивните престоли, во практиката на добродетелите, боговдахновени, го најде патот кој води кон богосозерцание. Поради тоа, ширејќи го Словото на вистината, си пострадал дури до крв за верата, свештеномаченику Игнатие. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.

Кондак

Светлоносниот ден на твоите светли подвизи веќе на сите ни Го навестува Родениот во пештерата, оти, имајќи жед да се наситиш од љубовта Негова, си побрзал да бидеш изеден од ѕверовите; поради тоа се нарече и Богоносец, Игнатие семудри. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука