март 15, 2017

Охрид, 15. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Бараме локалната власт во Охрид предводена од неодговорни политичари, веднаш да престане да го уништува и загрозува природно наследство, велат од Центарот за комуникации на Општинската Организација на СДСМ Охрид.

На вчерашната седница на Советот на Општина Охрид, советниците од СДСМ предложија да се расправа за незаконската изградба на хотелот во Лагадин и да се стопира неговата нелегална изградба.

– Укажуваме дека и институции се огласија против ваквата намера на советниците од ВМРО-ДПМНЕ на штета на Охрид. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам достави барање до градоначалникот на Охрид за поништување на одобрението за градба на спорниот хотел. А потоа се огласи и Државниот инспекторат за животна средина, којшто тврди дека општината незаконски ја усвоила урбанистичката документација за Лагадин, без да го утврди еколошкото влијание. На спорната локација во Лагадин веќе два месеци се работи интензивно, а несовесната локалната власт одбива да постапи по барањето на надлежните државни органи. Затоа вчера советничката група на СДСМ побара итно стопирање на незаконските градежни активности во Лагадин, информираат од СДСМ Охрид.

Додаваат дека е недозволиво тоа што владејачкото мнозинство не ја прифатило иницијативата од советниците од СДСМ да се расправа за проблемот.

– Не поминуваат оправдувања за наводно почитување законски прописи, кога што сите укажувања се дека станува збор за најелитна и најатрактивната туристичка населба на охридското крајбрежје, којашто е дел од Националниот парк Галичица! Поради фактот што се работи за градба во заштитен појас на помалку од 50 метри од брегот на природно езеро, задолжително мора да биде изготвена оценка за влијанието врз животната средина, што не е направено. Во постапката за донесување на планската документација и за издавање на одобрението за градба, прекршени се и поголем број одредби од Законот за градење, Законот за заштита на езерата, Законот за води и други закони, посочуваат од СДСМ Охрид.

Од партијата додаваат дека „граѓаните поради ваквите политики гласаа за промени и ќе има одговорност за сите што работеле противзаконски, спротивно на интересите на граѓаните и на природното наследство во Охрид“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука