Сефиданис: Злоупотребата на ВИ треба да биде адресирана на луѓето
ноември 4, 2024

Скопје, 3 ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Медиумската писменост станува клучна вештина за секој граѓанин во денешната дигитална ера. Со развојот на вештачката интелигенција (AI), границата помеѓу вистинските и генерираните содржини станува сè потенка, што ја зголемува потребата за критичко размислување и способност за препознавање на автентични информации.

Во рамките на Денови на Медиумска писменост 2024, кои годинава се одржуваат под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“, МИА се приклучува кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост со истражување на прашањето како вештачката интелигенција влијае на медиумската писменост и кои се клучните предизвици. За таа цел, разговаравме со неколку експерти на темата кои со нас ги споделија своите сознанија и препораки.

Соговорниците се согласни дека медиумската писменост и едукацијата се клучни за справување со предизвиците што ги носи вештачката интелигенција. Посочуваат дека е потребно да се развијат критичко размислување и навики за проверка на изворите на информации, како и да се постават јасни регулативи за употребата на ВИ, особено во однос на авторските права и заштитата од дезинформации.

Проф. д-р. Анис Сефиданис од Факултет за машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид објаснува дека ВИ е веќе длабоко вкоренета во нашето секојдневие, со повеќе интеракции со виртуелни агенти отколку со луѓе. Тој истакнува дека предизвиците доаѓаат од содржините што ги креираме ние луѓето и дека злоупотребата на ВИ треба да биде адресирана на луѓето.

– ВИ е подолго време присутна. Всушност, ние на дневна база имаме повеќе интеракции со виртуелни агенти базирани на ВИ отколку интерперсонална комуникација. Дури и самата комуникација меѓу луѓе е оставена да биде под опсервација, или медијатор помеѓу истата да биде ВИ. Предизвиците доаѓаат од содржините кои ние луѓето самите ги креираме и од кои извира нашата етика, каде што се вклучени сите наши предрасуди и ставови. Така што, секоја злоупотреба на ВИ треба да биде адресирана на луѓето, вели тој.

Дополнува дека вештачката интелигенција (ВИ) е глобално достапна и сѐ уште е во рана фаза на развој, без соодветна регулаторна рамка. Ризикот од оваа експоненцијална технологија, како што вели, лежи во нејзината способност да биде рекурсивна и да креира нови форми.

Сефиданис верува дека едукацијата е клучна за заштита од дезинформации и дека е важно да се постават етикети на системите кои користат ВИ за да бидеме свесни дека комуницираме со машина, а не со човек.

– Дисеминација на лажни вести не е инхерентна на ВИ. Таа потекнува од намерата на човекот. Така што, соодветна едукација, во однос на како се идентификуваат извори на вести, критичко размислување, евентуално идентификација на содржини кои се генерирани од страна на ВИ може да помогне и засега тоа е главно пракса во современиот свет, да се постават етикети на секој систем кој користи ВИ за да можеме да бидеме свесни дека разговараме со машина, а не човек, дополнува тој.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: МИА/Ангела Рајчевска фото: архива видео и монтажа: Аслан Вишко

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука