февруари 22, 2023

Охрид, 22. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Информациите кои OhridPress редовно ги објавува за состојбата со водостојот на Охридското Езеро која е на исклучително ниско ниво, деновиве се помеѓу најчитаните на Facebook профилот на OhridPress.

Објавите се во насока на создавање постојан медиумски притисок кон одговорните, затоа што, според официјалните податоци, од почетокот на февруари, нивото на водата во Охридското Езеро бележи константен пад.

Последните мерења од петокот (на вчерашните нема податоци за водостојот во Охрид), покажуваат дека езерото е на кота од 693,18 м.н.в. односно 23 сантиметри под просекот за овој месец и само 8 сантиметри над минимално дозволеното ниво.

Читателите на OhridPress потенцираат дека е крајно време да се престане практиката да се третира Охридското Езеро како обична акумулација за вода и потсетуваат дека станува збор за најстарото езеро во Европа. Дел смируваат и велат дека станува збор за природни осцилации на езерото кои се повторуваат секоја година. Сепак, мора да имаме во предвид дека оваа година беше исклучително сушна, со минимални врнежи на дожд, а снег скоро и да немавме. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука