април 26, 2018

Охрид, 26. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Здружението на граѓани „Совест“ синоќа во Охрид се одржа јавна трибина, на која беа дискутирани прашања од областа на урбанизмот и конкретни архитектонски решенија за кои се смета дека во значајна мера ќе влијаат врз изгледот на градот.

Целта на трибината, според организаторите, е да се слушне мислењето на стручната и пошироката јавност за одредени урбанистички и архитектонски решенија, конкретно реконструкцијата на Алипашината џамија, за која сметаат дека драстично ќе ја смени самата визура на градот.

Од Здружението „Совест“ се уверени дека таквите решенија ќе предизвикаат социјални и културни импликации кои, според нив, ќе имаат негативни последици врз целокупното живеење во Охрид. Велат дека изградба на минаре на Алипашината џамија во Охрид високо 32 метри секако ќе има импликации врз изгледот на Охрид, јави А1Он.

– Откако ќе го чуеме се` она што ќе биде изнесено на оваа средба, ќе се искристализираат уште некои ставови, ќе имаме појасна слика за тоа што се случува, така што сето тоа сублимирано ќе биде испратено до соодветните институции. Се надеваме дека тие ќе реагираат согласно словото на законот и ќе биде запрена оваа и ваква реконструција на објектот, велат од „Совест“ и го нагласуваат ставот дека немаат ништо против реконструкцијата на џамијата, но оти силно се противат на се` она што нелегално се работи на локалитетот, а би можело да има несакани импликации врз животот во градот.

Инжинерот архитект Димитар Зарчев забележа дека конзервација на објект од културно-историско наследство согласно нормите не смее да се врши со цементен материјал и бетон.

– Пропишано е како се врши конзервација на споменик на културата од втора или трета категорија. Што се однесува на самото минаре, неговата висина, тука е важно прашањето на т.н. контактна зона помеѓу старото градско јадро и околината. Постојат прописи за тоа колкава висина може да се градат објекти на таа локација, рече меѓу другото Зарчев.

Тој смета дека и доколку имало минаре на таа локација, сигурно не можело да има толкава висина доколку се земат предвид материјалите од кои е граден објектот, односно дека токлу високо минаре не можело да биде изградено од материјалот од кој била изградена самата џамија.

– Доколку се врши конзервација таа мора да се врши со материјал идентичен на оригиналниот. Не верувам дека тоа минаре било току високо од проста причина што од обична непечена тула не може да се изведе градба со толкава висина, а да биде сеизмички стабилна, забележа Зарчев.

Активистите на Здружението на граѓани „Совест“ сметаат дека градот Охрид има своја препознатлива панорама и како таков е ставен под заштита на УНЕСКО како културно-историско богатство од светско значење, а секоја интервенција како изградба на толку високо минаре во самиот центар на градот ќе значи менување на неговиот лик. (Крај)

извор: А1Он фото: А1Он

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука