мај 22, 2018

Охрид, 22. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во основниот проект по кој се вршат „конзерваторските работи“ има минаре, а после 8-ми јуни она што досега е направено ќе биде класична дивоградба, потенцираа на денешната прес конференција од Здружението на граѓани „Совест“, кои веќе една година се залагаат да ја пробудат совеста на институциите и луѓето задолжени за реконструкцијата на Алипашината џамија.

Претседателот на здружението „Совест“, Михаил Трендафилов подвлече дека сакале признале или не зад оваа ситуација стои политика.

– Претходната власт ги постави темелите, оваа продолжува. Добри сме само ако прифаќаме се, но во случајов претертавте сите и Охрид не може да остане нем. Почитувањето треба да биде обострано. Должност беше, законот налага археолошки да се истражи околниот простор за кој веќе има докази, се уништува бесценето богатство, рече Трендафилов.

pres sovest 2

Од „Совест“ велат дека има искривување на вистината и се осврнаа на изјавата на директорот на Комисијата за односи меѓу верските заедници дека во проектот немало минаре.

– Основниот проект по кој се вршат „конзерваторските работи“ има минаре. Институциите како сега меѓусебе да си подметнуваат. Ние не знаеме која документација му е дадена на Сотироски за така да изјави, вели Томе Џамтоски од „Совест“.

Додаде дека се барале начини и се вршел притисок да се најде начин и да се легализира она што досега е изградено.

dzamija ohrid

– Потсетувам дека во Република Македонија се легализираат објекти кои започнале со градба до март 2011 година. Овде се работи за бесправна градба, не може да се легализира. Конзерваторското решение е издадено на 8-ми јуни 2016 година, па според диспозитивот за речиси две недели изминуваат две години, период во кој требаше да се одобрат сите потребни документи. После 8-ми јуни тоа што досега е направено е класична дивоградба и не може да се легализира, вели Џамтоски.

Здружението „Совест“ уште еднаш ги повикаа институциите да постапат согласно законите, бидејќи како што велат во овој случај не се работи само за тоа што архитектонски ќе се наруши визурата на Охрид, туку се работи и за класично непочитување на она што Охрид претставува во христијанскиот свет. Велат дека нивните наредни чекори ќе зависат од преземените дејствија на надлежните институции, во прв план Државниот градежен инспекторат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука