јануари 1, 2023

Скопје/Охрид, 1. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска, на првиот работен ден од Новата година министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со дел од раководството на МВР оствари работна средба со раководството на Секторот за сообраќајни работи и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата.

На средбата Спасовски беше информиран за низата активности кои се преземаат со цел подобрување на безбедносната состојба во сообраќајот како и намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди со потешки последици, постигнување на повисок степен на поволна безбедносна состојба во сообраќајот на патиштата и воспоставување на поголема дисциплина кај учесниците во патниот сообраќај.

– Со задоволство можам да споделам со Вас медиумите дека во 2022 година Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата во насока на подобрување на безбедносната состојба во сообраќајот како и намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди со потешки последици, бележи зголемување на вкупниот број на издадени прекршочни платни налози за 4.7% во споредба со 2021 година. Во истиот период бележиме зголемување за 48,49% на одземени возачки дозволи за возење под дејство на алкохол. Зголемување за 600% на санкционирани возачи на мотоцикл кои не носат заштитна кацига. За 50,53% бележиме зголемување на санкционирани возачи кои возеле под дејство на алкохол, потенцираше Спасовски.

Тој потсети дека во 2022 година македонската полиција заплени повеќе од 130.000 парчиња пиротехника.

– Што се однесува за изминатата вечер, на територија на целата држава Новогодишната ноќ помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, рече Спасовски, притоа заблагодарувајќи им се на сите граѓани кои што празнуваа и прославуваа одговорно така како што и беше апелирано со што придонесоа Новогодишната ноќ да ни помине мирно и безбедно така како што сите посакувавме.

Воедно, министерот Спасовски информираше дека во споредба со минатата година, имаме намалување за 30% на пријавени настани. Најголем број пријавени настани се на подрчајето на СВР Скопје, потоа СВР Охрид, останатите сектори имаат многу малку пријави, а СВР Велес нема ниту една пријава за нарушување на јавен ред и мир. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука