мај 22, 2018

Охрид, 22. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со настап на училишниот хор, музичко – поетски точки и рецитал, како и настап на дел од членовите на КУД „Отекс“, стручното средно училиште „Св.Кирил и Методиј“ го одбележа својот патронен празник, а темата беше „Убавината на животот“.

Во овие четири години на постоење како посебна образовна установа функционирањето било со ограничени средства и услови за работа. Сепак со заложби на наставниците се трудиме да навлеземе во најновите методи на воспитно образовниот процес, да ги вклучиме нашите ученици во современите текови на општествениот животи од нив да создадеме квалитетни личности подготвени да чекорат низ животот, потенцира директорката Славица Костоска.

slavica kostoska

– Радува фактот што во оваа учебна година за првпат имавме поголем број на запишани ученици од оние што завршиле основно образование. Инаку секогаш откако сме основани имаше голема разлика меѓу бројката на завршените и запишаните ученици. Во оваа учебна година во прва година се запишаа 149 ученици, што очекуваме да биде тренд и понатаму. Имаме четири паралелки од економско правна и трговска струка и една паралелка во здравствената струка каде има максимално пополнување од 34 ученици, подвлече Костоска.

Она што го истакна како проблем е немањето доволно простор за одвивање на наставата, а училиштето веќе четири години функционира без педагошко – психолошка служба.

akademija ekonomsko 4

akademija ekonomsko 2

– Дефинитивно ни требаат уште простории, кабинети по природни науки за здравствената струка и по економските предмети. Во однос на наставнички кадар сме доволно екипирани, но затоа пак има недостаток кај административните служби. Училиштето има само директор и секретар. Веќе четири години очекуваме одобрување на педагошко – психолошка служба. Средно училиште со 440 ученици не би требало да функционира без стручни служби, вели Костоска.

Во однос на промените кои се најавуваат од Министерството за образование, особено за стручните училишта, таа очекува подобрување на квалитетот на образованието и додаде дека тренд е да се оди повеќе кон дуално или учење преку работа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука