Статусот на Охридскиот Регион е на стаклени нозе и многу лесно може да биде ставен на листата со загрозено културно наследство на УНЕСКО
ноември 14, 2024

Охрид, 14. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Дивоградбите на самиот брег, загадувањето на водата, дивите депонии, немањето јасна стратегија за заштита…

Ова се дел од главните причини за сериозните забелешки на УНЕСКО за Охридскиот Регион, кои беа упатени изминатите години, кон нашата држава. Иако во моментот е под заштита на оваа светска организација, сепак статусот на регионот е на стаклени нозе и многу лесно може да биде ставен на листата со загрозено културно наследство.

Од Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура и туризам велат дека повторно ќе се расправа на оваа тема наредната година.

– На 47. сесија на Комитетот за светското наследство на УНЕСКО, која ќе се одржи во Софија, Република Бугарија, од 6-ти до 16-ти јули 2025 година, една од точките на дневниот ред е разгледување на состојбата со заштитата на добрата запишани на Листата на светско наследство. Согласно со тоа, состојбата со заштитата на природното и на културното наследство на Охридскиот Регион ќе се разгледува како дел од оваа точка и членките на Комитетот ќе донесат одлука за натамошниот статус на Охридскиот Регион, вели Татјана Краљевска- Лазарова, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура и туризам.

Од Националната комисија посочуваат дека годинава се преземени повеќе активности во однос на препораките на УНЕСКО. (Крај)

извор: vecer.press/Д.Т. фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука