Охрид, 30. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Како општина дневно губиме по 10.000 евра, толку растат долговите на општината или претворено во број на вработувања, ние секојдневно губиме две вработувања во градот, заради тоа што не ги солвираме финансиските долгови, вели градоначалникот Јован Стојаноски.
– Долгот финансиски е утврден ние го знаеме колку е. Затоа упативме повик до доверителите во којшто тие треба да се изјаснат кој дел од каматата го простуваат и кој дел можеби од основниот долг го простуваат, за да знаеме понатаму како да простапиме кон решавање и подмирување на долговите, рече првиот човек на Охрид.
Не е само финасискиот долг проблем, туку и материјалниот. Градоначалникот рече дека се планира средба со граѓаните и со инвеститорите, оние кои се заинтересирани за градби во Охрид.
– Со надоместокот за уредување на градежно земјиште односно комуналиите, ние не ги покриваме трошоците. Тоа е системски проблем кој генерира загуби во општината. Сметам, не сакам да критикувам, дека претходната општинска администрација изгуби долго време во решавање на тие проблеми по која основа е настанат долгот. Тоа не се реши, а долговите растат, истакна Стојаноски.
Сериозен проблем е и материјалната евиденција и на имотот и долговите кои се настанати. Во минатото Се планирале одредени улици, тие не се изведени и тие стојата како материјална обврска на општината да ги изгради, а со тоа ќе нарастат повторно долговите.
– Општина Охрид на некој начин треба да биде третирана како фирма, којашто треба да си го знае својот имот. Жално е што во билансот на состојба на општината многу од она што го сметаме за имот не е билансно евидентирано. Значи не знаеме што е имот, кој се побарувањата на граѓаните, вели Стојаноски.
Тој очекува поддршка од граѓаните, да дадат време на општинската администрација да се решат материјалните и финансиските проблеми во кои се наоѓаме за да може да влеземе во експанзија.
– Ние со оваа општинска администрација сме подготвени да ја консолидираме општината. За тоа ни треба согласност од Владата и надлежните институции, затоа што немаме кредитен рејтинг со олкаво ниво на задолженост и несредени билансни позиции. Задолжувањето ќе значи рефинансирање, односно добивање кредит по пониска каматна стапка, на таков начин ќе ни се намалат тековните трошоци и на дневна и на годишна основа, но тоа не значи дека општината ќе биде на нула, потенцира Стојаноски, кој рече дека општината од 1996 година има блокирана сметка, па ако не се најде решение со Владата ќе се оди на индивидуално рефинансирање. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес