Охрид, 13. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Доколку месец април помине без многу влажни периоди и доколку нема ноќи со температура под нулата, регионот на Охрид и Дебрца ќе има и тоа како добра реколта на цреши.
Долгите влажни периоди кои ги имавме, иако не беа толку интензивни, сепак се одразуваа негативно на земјоделството.
Охридскиот регион е предодреден за одгледување цреша и важи за најдобар регион на Балканот. Во последните десетина години неколкукратно се зголемија насадите на цреша во охридскиот регион, вели охридскиот земјоделец Ванчо Стојаноски, кој 20-на години се занинава со оваа дејност.
– Покрај двете квалитетни сорти кои ги имаме, последниве десетина години се засадуваат уште неколку сорти кои исто така се квалитетни, ги увезуваме од расадсници од Грција и од Турција со контролирано потекло и квалитет се со цел се продолжи периодот на берба. За година две ќе имаме берба скоро месец и половина што е добро за нас производителите да не мора цел насад да се собира во краток период. Така ќе сме и поинтересни за самите откупувачи. Тие сакаат во подолг период да е застапена црешата, потенцира Стојаноски.
Што се однесува до реколтите, во последниве 2-3 години поради климатските услови родот беше намален, но сепак во однос на другите овошни култури конкретно во однос на јаболкото и лани црешата подобро издржа, па имавме задоволителна берба, дециден е Стојаноски.
Во однос на оваа сезона, посебно во овој период, кога цути црешата, одговараат посуви периоди заради подобро оплодување. Ако овој месец ноќните температури не паднат под нулата, Стојаноски вели дека ќе имаме и тоа како добра реколта.
Црешата е најдоходовна овошна култура, има помали трошоци за одржување во однос на другите. Како што вели Стојаноски, засега откупувачите водат грижа за ладењето на црешата и им даваат на производителите амбалажа. Тој упати апел до земјоделците кои одгледуваат други овошја, да се преориентираат на црешата, бидејќи бара многу помал третман. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива