април 6, 2017

Охрид, 6. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со посебна свеченост денес беше одбележан еден век од поставувањето на првата електрична светилка во Охрид.

Историчарот д-р Никола Митровиќ во историскиот час кој го одржа, потенцира дека ова е настан од урбаната историја, еден белег на урбаното живеење во градот Охрид.

– Историјатот за првата светилка е доста интересен бидејќи Балканот особено нашето поднебје секогаш бил крстосница на култури традиции, па и војски. Во Првата светска војна, поточно во 1916 година, австриските војски кои биле стационирани особено во градот Охрид, во една фабрика во која ги репарирале своите орудија и оружја,  електричните погони навечер ги користеле за осветлување и така се создале неколку канделабри односно улични светилки со електрично напојување, истакна Митровиќ.

Тој рече дека  на овој начин доаѓаме до поентата, дека историјата може да ги разединува народите, но секогаш може да се најде нишка која ќе ги соедини.

Во знак на одбележување на оваа значајна годишнина, покрај првата улична светилка во Охрид, лоцирана на самиот почеток од градското шеталиште,  беше откриена плоча, со натпис на македонски и германски јазик.

Проф. д-р Зоран Тунтев истакна дека ова одбележување тој го набљудува и од аспект на туризмот.

– Сега ќе дојдат австриски и германски туристи во Охрид и ќе најдат плоча напишана на германски јазик. Луѓето ќе видат дека негуваме некаква заедничка традиција. Од тој аспект верувам дека туризмот најдобро се продава кога имате добра приказна и што повеќе имаме вакви приказни, тоа Охрид ќе е поатрактивен и поприсутен на туристичката мапа на Европа, подвлече проф. Тунтев.

На свеченоста присуствуваше амбасадорката на Австрија во Република Македонија Ренате Коблер. Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер, посака овој фенер секогаш да функционира и да свети.

– Денеска можеме да видиме една ваква улична светилка скоро на секој чекор, но пред сто години тоа било нешто навистина посебно. На градот Охрид му посакувам многу среќа. Светло е многу убав знак за функционирање на инфраструктурата  светлото означува сигурност, а тоа е она што сите ние сакаме да го имаме, рече Петер.

Организатор на настанот беше  Лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид, при што со овој настан го одбележа својот осми роденден.(Крај)

извор:ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука