февруари 16, 2023

Стразбур/Скопје, 16. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур соопшти дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени, пренесе порталот 360 степени.

– Судот смета дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопштија од ЕСЧП.

Тоа би значело дека предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат и постапките за нив продолжуваат.

Апликациите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 година, но по бурните реакции потоа ја повлече.

Пред ЕСЧП тие се жалат дека нивното кривично гонење по даденото помилување претставува кршење на владеењето на правото, како и дека повлекувањето на аболицијата било против правната сигурност.

Апликантите во Стразбур заедно со нивните адвокати и пред судовите често ги оспоруваа предметите на СЈО повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.

Првата апликација до Стразбур беше испратена на почетокот на ноември 2017 година од поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, преку адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Предметот во ЕСЧП е така и насловен: „Талески и останатите против Република Македонија“.

Останатите кои потоа поднесоа апликации се: поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешните градоначалници на Гази Баба и на Пустец (Албанија), Тони Трајковски и Едмонд Темелко. (Крај)

извор: 360 степени фото: 360 степени

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука