Охрид, 17. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денес се навршуваат полни 13. години, откако, по неколку месеци пробен период, информативниот портал OhridPress и официјално започна со работа.
Низ годините медиумот помина низ повеќе технички редизајни и подобрувања, помина добри, но и тешки периоди, но секогаш се држевме до нашиот слоган „Брзо, точно, проверено – Се` за Охрид“.
Полни 13. години информираме, коментираме, забавуваме. Годиниве наназад, Ви ги носевме најновите вести од Охрид, спортот, забавата, им дававме можност да се искажат во колумни на луѓе на кои своевремено не им даваа буква на ѕид да напишат во рубриката „046 за Охрид се зборува“ (дел од нив и понатаму имаат сериозна амнезија по ова прашање), конструктивно ги критикувавме првите, но редовно кога беа најсилни, никогаш кога беа „мртви Германци“, интервјуиравме и промовиравме интересни луѓе – музичари, спортисти, млади кои се истакнале во било која област, ги баравме талентите во OhridSUPERSTAR, ѕирнувавме во ноќниот живот во Охрид, ги креиравме популарните „Охридски приказни“, доделивме илјадници награди, поделивме многу насмевки, Ви го подаривме проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ кој постави нови стандарди во забавата, но и во PR-от на овие простори, но и многу пошироко, го сликавме нашиот „Охрид во 10“ од една точка цела година со целата негова убавина и големина, го сликаме и во „Охрид е СУПЕР“ и „ОХРИД Најубав“, Ве повикавме да ја прогласиме заедно омилената дупка по охридските улици во рамките на „Твојата дупка звучи познато“, но и најоштетениот лежечки полицаец во Охрид, ги слушавме Вашите „Омилени три песни“, Ве забавувавме со „вестите“ на охридската „легенда“ Керим, ја инициравме акцијата „Помалку автомобили, помалку гужва“ со која ги повикавме охриѓани колку што е можно помалку да ги користат автомобилите во центарот на градот во текот на летото, подарувавме комплетни рекламни пакети за компаниите на кои тоа им е најпотребно, пред тоа да биде IN и fancy, заедно со над 1.200 наши сограѓани ја подигнувавме свеста за екологијата и чистата животна средина во „Мој Охрид, чист Охрид“, споделуваме фотографии од најталентираните охридски фотографи во „Фото на денот“, најубавите животни и мотивирачки приказни во „Живот“, ги споделуваме вашите најлуцидни коментари на социјалните мрежи во „Коментар на денот“, го поставивме Бројчаникот на UNESCO за УМ на оние на кои им е тоа работа, заедно ја пребродивме корона пандемијата, и понатаму силно ги поддржувавме ретките болести, најмладите и образованието за кои имаме и посебна рубрика за образование, помагавме да се соберат средства секаде каде тоа беше потребно за некои мали ангели…
Има уште многу вакви акции ако се навраќаме наназад, но за нас, она што е поважно е она пред нас.
Чекориме заедно понатаму. OhridPress е сериозен информативен портал, кој е комплетно прилагоден на новото време, новите можности, технологии и побарувања на модерниот читател. Секојдневно испраќаме проверени информации, пред се` од Охрид и Струга, но и од целата држава. Вниманието останува на локалната заедница и проблемите со кои таа се соочува, но и интересни проекти, интевјуа, репортажи и уреднички коментари и осврти на подобрување на животот во Охрид. Остануваме вистински глас на заедницата и сериозен информатор за случувањата во градот. Бројките велат дека довербата е на сериозно ниво со 8.000 до 10.000 уникатни дневни посети и над 17.000 редовни читатели кои секојдневно ги следат новитетите од Охрид само на основниот Facebook профил, сите уникатни, без купени кликови и лажни вести…
Информативниот портал OhridPress е дел од регистарот на македонските професионални online медиуми на СЕММ и ЗНМ.
Продолжуваме „Брзо, точно, проверено, Се` за Охрид“.
Секогаш свои, секогаш Ваши.
Ваш OhridPress…