Скопје/Москва, 24. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Невладината организација РОО Македонски културен центар од Москва организира Месец на културата на Македонија во руската престолнина.
Настаните се одржуваат во просториите на Библиотеката за странска литература во Москва.
– Програмата е разновидна и богата. Отворањето му беше посветено на македонскиот театар. Артистите на театарот „Город“ од градот Долгопрудниј извонредно го одиграа извадокот од пиесата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски. Пред публиката настапи Дарко Тодоровски, млад македонски пејач. На книжевната изложба беа претставени книги од областа на македонскиот театар и драма – изјави Олга Панкина, претседател на РОО Македонски културен центар.
Таа ја презентираше македонската литература во превод на руски, пред сè едицијата „Македонскиот роман на 21 век“, поетскиот зборник „Пејач во кулата“ од Влада Урошевиќ, како и списанието „Сегашно време“ во кое е застапен поетот Матеја Матевски.
Според неа, голем интерес на публиката предизвикал разговорот за романот „Големата вода“ на Живко Чинго и истоимениот филм што го сними режисерот Иво Трајков. Била отворена и изложба на делата на Чинго, а секој гостин на подарок го добил романот „Големата вода“ во превод на руски јазик.
Во наредните денови ќе бидат презентирани и туристичките можности на Македонија, со македонска храна и вино. За фолклорната традиција во македонската литература ќе зборува Ала Шешкен, профессор на московскиот универзитет „Ломоносов“. На затворањето на манифестацијата најактивните учесници во настаните ќе добијат сувенири и награди, меѓу другото и акварели од македонскиот сликар Живко Поповски-Цветин.
Панкина вели дека Центарот не е финансиран од никого и истакнува дека е тешко одржувањето настан како што е Месецот на културата во Москва. Но, додава, тоа е остварливо благодарение на ентузијазмот на членовите на Центарот, на нивната посветеност да ги промовираат културните вредности на словенските и балканските земји. (Крај)
извор: МИА фото: архива