декември 20, 2017

Хаг, 20. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Словенечката и хрватската полиција почнаа акција против криминална група вмешана во местење резултати на фудбалски натпревари во Србија, Македонија и Чешка, соопшти „Европол“.

Наведено е дека во Словенија и во Хрватска се уапсени 11 лица, по извршен претрес во 13 куќи и 15 возила.Мрежата направила нелегална веб-платформа за да пренесува големи обложувања на азиски обложувачи.

„Европол“ наведува дека истрагата почнала во март, кога словенечката полиција сфатила дека организираната криминална група направила различни веб-страници, како нелегални онлајн платформи за обложување, кои биле користени за обложување на наместени спортски натпревари во повеќе европски земји.

„Криминалците се осомничени за учество во обиди за местење на професионални фудбалски натпревари во Македонија, Србија и Чешка“, соопшти „Европол“.

Од таму додаваат дека групата се обложувала претежно на азискиот пазар каде им била загарантирана голема финансиска добивка, поради сознанијата за крајниот резултат. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука