УНЕСКО следната година ќе го разгледува статусот на Охридското Eзеро
ноември 4, 2024

Охрид, 4. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – УНЕСКО внимателно ја следи состојбата на Охридското Езеро, но дали ќе биде ставен на листата на светско културно наследство во опасност ќе одлучуваат во јули 2025 година, објави Радио Слободна Европа.

Жителите на Охрид и екологистите предупредуваат дека и натаму претераната урбанизација, преоптоварениот колекторски систем и загадените реките го уништуваат Охридското Езеро.

– Најмалку од 2017 година, состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион е загрижувачка за Комитетот за светско наследство, особено поради влијанието на човековите активности и развојните проекти. Затоа, локацијата е предмет на внимателно следење од страна на УНЕСКО и експертите на неговите советодавни тела, што вклучува доставување чести извештаи од државите членки за состојбата на зачувување на локацијата“, велат од УНЕСКО за РСЕ.

Екологистите и жителите сведочат дека во Охридското Езеро продираат води од септички јами, полски клозети, фарми и депонии, но и од цевките на десетици ресторани, хотели и приватни резиденции неповрзани на колекторскиот систем. Тоа влијае езерото забрзано да ги губи популациите на риби, полжави и други ендемски видови стари милиони години.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Охрид центар Островче кеј „Македонија“ стар град Охрид

Во септември 2023 година, Комитетот за светско наследство побара заедничка мониторинг мисија која беше спроведена од Центарот за светско наследство во март 2024 година. Извештајот на мисијата уште не е објавен, но од УНЕСКО велат дека е во завршна фаза. Тој треба да обезбеди целосна проценка за тоа колку се спроведени претходните препораки и може да формулира и нови препораки доколку е потребно.

На прашањето на РСЕ дали УНЕСКО би можел да го избрише Охридското езеро од списокот на светско културно наследство, од организацијата велат дека тоа никогаш досега не било разгледувано како опција. Комитетот за светско наследство може да одлучи да го запише на списокот на светско наследство во опасност, што дава дополнителни можности за техничка и финансиска помош и за меѓународна соработка.

Целиот текст ТУКА. (Крај)

извор: РСЕ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука