Охрид, 21. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе од успешно, Студиото за танц при Младинскиот културно образовен центар „Соната“ ја заокружи танцувачката сезона, а уписите за нови членови ќе започнат на крајот на август.
Иновативни кореографии, уникатни костими, магија на сцена придружена со специјални светлосни ефекти и визуелизации. Сето ова можеше да го види публиката на завршниот настап на танчерите кои двапати го наполнаа Центарот за култура „Григор Прличев“.
Дека заслужено настапуваат и ги собираат наградите на престижни натпревари во и надвор од земјава, покажаа и пред охридската публика.
Следните два месеци „Соната“ ќе ги посвети на работа со најталентираните членови кои ќе треба да го претставуват Охрид, но и Македонија на големи танцови натпревари низ Балканот и Европа.
А за оние кои сакаат да ги откријат тајните и да навлезат во магијата на танцувањето, уписите за новата танцова сезона ќе започнат на 25-ти август, а за сите кои ќе се запишат до 10-ти септември, ќе следуваат 20% попуст.
Уписи ќе се вршат за курсевите: вовед во танц, класичен балет, латино танци, сценски танц и хип хоп. Заинтересираните подетални информации може да добијат на веб страната на „Соната“ – mkoc-sonata.org
Покрај подготовките за свадбен танц, „Соната“ од наесен подготвува и новитет. Поради голем интерес, ќе започнат и со курсеви за возрасни. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива