мај 7, 2018

Охрид, 7. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни активности, охридскиот Црвен крст утре ќе го одбележе роденденот на големиот хуманист Анри Динан, основоположник на идејата за движењето на Црвениот крст, кој е роден на 8-ти мај 1828 година

Во негова чест 8-ми мај секоја година се одбележува како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а неделата од 8-ми до 15-ти мај, како „Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина“.

По тој повод Црвен крст Охрид се вклучува во глобалната кампања на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина која се одвива под мотото „Насекаде за секого“.

anridinan– Во тие рамки ќе бидат организирани и бројни активности. Утре ќе биде положено свежо цвеќе пред бистата на Динан пред седиштето на охридскиот Црвен крст, а на Факултетот за туризам и угостителство ќе се одржи крводарителска акција. Во среда со почеток во 11:00 часот ќе започне Отворениот Инфо ден за прием во седиштето на Црвен крст во Охрид за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид. Преку промотивни материјали и видео проекции сите заинтересирани ќе се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст, со активностите на Црвен крст – Охрид и како се станува волонтер на Црвен крст, информриаат одговорните.

Во периодот од 8-ми до 15-ти мај на сите новороденчиња родени на Гинеколошкото одделение при Општата болница во Охрид ќе им бидат доделени пригодни и корисни подароци, а во текот на целиот месец мај ќе се одржуваат работнилници за дисеминација – ширење на знаењата за Црвениот крст со волонтерите на Црвен крст од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука