Охрид, 27. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денеска и утре во Охрид се одржува централната свеченост за одбележување на значајниот јубилеј еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија.
Најпрво од 17:00 часот ќе се одржи Молебен во манастирот „Св.Климент и Св.Пантелејмон“ на Плаошник.
Од 18:30 часот во катедралната црква „Св.Софија“ ќе се одржи свечена академија по повод јубилејот, под покровителство на претседателот на државата. Пригодни обраќања ќе имаат Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г.Тимотеј, Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев.
На централната свеченост со пригоден концерт ќе се приклучи и Македонската филхармонија. Ќе настапи камерниот оркестар во придружба на хоровите од братството на манастирот Рајчица и Св. Јован Бигорски, а ќе учествуваат и други црковни хорови и реномирани црковни солисти. Диригент ќе биде Борјан Цанев, а ќе се изведат композиции со тематика од македонските тропари.
За утре од 09:00 часот во црквата „Св.Софија“ е предвидено литургиско чествување, кое ќе биде соборно и со кое ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА, во сослужение на сите членови на Светиот архиерејски синод.
Активностите во рамки на програмата за одбележување на еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација која го обединувала нашиот народ, се распоредени во периодот од мај до декември. Предвидени се настани од различен карактер, научни и академски собири, издавање на значајни публикации, спортски културни, образовни и уметнички активности. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес