Црвен крст Охрид го одбележува Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА
декември 1, 2024

Охрид, 1. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со низа активности, Охридскиот Црвен крст, под мотото „Заедно во борба против ХИВ/СИДА“,  го одбележува Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА, потенцирајќи го значењето и важноста од заедничкото делување.

Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога. Се проценува дека во текот на минатата 2023 година, 39,9 милиони луѓе ширум светот живееле со СИДА, 1,3 милиони луѓе заболеле од СИДА, а околу 630 милиони луѓе починале од причини поврзани со оваа болест.

Светски ден за борба против Сида

Со цел подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и изрази поддршка на оние кои живеат со ХИВ, Црвен крст Охрид ќе реализира низа активности.

– Денеска, на 1. декември 2024 година, волонтерите на Црвен крст Охрид низ охридските улици, кафулиња и јавни собиралишта на минувачите, на посетителите ќе им ставаат црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА. Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците, во текот на Неделата на борба против СИДА (1-7 декември) да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита. Во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите врснички едукатори во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата, информираат од Црвен крст Охрид.

Активностите организирани по повод Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука