Охрид, 18. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со низа активности од областа на здравствено-превентивната дејност, охридскиот Црвен крст е вклучен во одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите.
– Во четврток, на 18-ти јануари 2024 година, во периодот од 19:00 до 23:00 часот, на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“, медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 8 степени Целзиусови. Традиционалната крводарителска акција „Водици 2024“ под мотото „Една капка може да промени се“ ќе се реализира во петок, на 19-ти јануари 2024 година, од 09:00 до 15:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци, информираат од Црвен крст Охрид.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид, во петок, на 19-ти јануари 2024 година, Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и со медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на следните препораки:
– Со оглед на ниската температура на водата во Охридското Езеро (кај пристаништето околу 8 степени Целзиусови), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за 19-ти јануари (околу 9 степени Цезлиусови), силен југозападен ветар со брзина од околу 10 м/с, повикуваме на исклучително високо внимание, сериозност и претпазливост на оние кои ќе влегуваат во водите на Охридското Езеро:
– Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем
– Да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци-чај
Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.
– Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат кратко (не подолго од 3 минути). Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.
– Да облечат обувки при влегувањето во вода
– Да имаат сува и топла облека по излегувањето од вода
За сите кои ќе бидат дел од настанот на Градското пристаниште на копно, препорачуваме:
– да облечат повеќеслојна облека
– да конзумираат топли безалкохолни напитоци-чај. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес