Црква „Св. Ѓорѓија“ во Охрид, посветена на Светецот кој ја убил ламјата
декември 9, 2024

Охрид, 9. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска е големиот христијански празник Свети Ѓорѓија, Светецот кој ја убил ламјата што на народот му правела голема штета.

Црквата посветена на Свети Ѓорѓија во Охрид се наоѓа во источниот (горниот) дел на градот, на крајот на населбите „Расадник“ и „Горна Влашка Маала“, во близината на Градската општа болница и кружниот тек на патот кој води кон селото Велгошти и во правец на Битола.

Црквата е изградена во 1834 година, а камбанаријата во 1950 година. Дел од фрескоживописот е од тој период, во преродбенски стил, додека наосот (бродот) на црквата е фрескоживописан од Ѓорѓи Крстевски од Охрид, а олтарот е живописан од Драган Ристески, исто така од Охрид.

Покрај црквата во XX век, од западната и јужната страна, изградени се затворени тремови. На јужната страна, покрај тремот, во 1984-5 година изградена е крстилница со фрескоживопис од уметникот Драган Ристески.

Во дворното место на црквата изградени се канцеларии за свештениците и народна трпезарија за 200 луѓе, која се употребува и за одржување на веронаука и за настава за изучување на странски јазици и слично. Изградена е во 1990 година и осветена од страна на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука