Охрид, 1. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – По невремето кое што го зафати охридско-струшкиот регион, во овој момент состојбата е нормализирана, информираат од Центарот за управување со кризи.
– Надлежните субјекти целосно ја следеа состојбата, согласно насоките кои претходно беа договорени, и по престанување на невремето, пристапено е кон санирање на последиците и причинетата штета. Најпогодена беше крајбежната линија на потегот од населба Канео до централното градско подрачје во Охрид, а во Струга, во делот од машка и женска плажа.
Испуштањето на водите од Охридско езеро преку реката Црн Дрим е со постојана координација со ЕЛЕМ и покрај прелевањето на акумулацијата Глобочица по течението на реката Црн Дрим, нема опасности за причинување на штета на патот Струга-Дебар, информираат од ЦУК.
Додаваат дека нивото на реките на Сатеска и Коселска е со благ пораст во однос на претходните денови, но нема опасност од преливање. До овој момент на телефонскиот број 195 нема пријави за причинета штета (поплави, пад на дрвја и слично).
– Во однос на функционирање на останатата инфраструктура (колектор, водоснабдување, електроснабдување), не се забележани прекини, стои во информацијата од ЦУК. (Крај)
извор: ЦУК фото: архива