април 7, 2018

Манчестер, 7. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Управата на Манчестер јунајтед го отвора сефот за летниот преоден рок на задоволство на Жозе Мурињо. Ако Португалецот лани потроши 150 милиони евра на засилувања, оваа година ќе биде почастен со дополнителни 50 и за шопинг за наредната натпреварувачка сезона ќе располага со вкупно 200 милиони евра.

Менаџерот на Манчестер Ј. веќе ја има скроено листата со трансферни цели, но и со оние на кои нема да смета во иднина. Намера на „специјалниот“ е да направи „ѓаволски“ добар тим што ќе биде конкурентен на градскиот ривал Сити за титулата во Премиерлигата. За таа цел, според заменик директорот Ед Вудфорд, челниците на Јунајтед ќе покажат финансиска великодушност и ќе одобрат средства за принови од кои се очекува да ја зголемат моќта на гигантот од „Олд Трафорд“.

Британски „Сан“ ги објави и пиковите на кои ќе се фокусира Мурињо по завршување на сезоната. Меѓу желбите на Португалецот, според медиумот, се Жоржињо од Наполи, Алекс Сандро од Јувентус, Ектор Белерин од Арсенал и Тоби Алдервилд од Тотенхем. На излезна врата, пак, се Дели Блинд, Матео Дармијан, Маркус Рохо, Крис Смолинг и Фил Џонс.

Манчестер јунајтед е втор на табелата во Премиерлигата со 68 бода, дури 16 помалку од лидерот Манчестер сити, и на „Олд Трафорд“ се свесни дека борбата за титулата е завршена работа. „Црвените ѓаволи“ се соочија со елиминација и во Лигата на шампиони по осминафиналниот двомеч со Севилја, па единствена шанса за трофеј гледаат во ФА купот, натпреварување во кое ќе играат против Тотенхем во полуфиналето. (Крај)

извор: НоваТв фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука