април 18, 2018

Охрид/Скопје, 18. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Република Македонија сè уште нема туристичка инспекција. Плаќањето такса затајува, а на локалните инспектори им се врзани рацете. Можат да интервенираат, но не и да казнуваат, истакна директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, во интервју за МИА.

Тој додава дека дел од законската регулатива во овој сегмент е добар, но дел не функционира во пракса. Како што укажува, во Охрид има 4.000 легла за кои никогаш не е платена туристичка такса.

– Ние неколку години бараме да се формира туристичка инспекција. Ако немаме туристичка инспекција, како мислиме да го спроведуваме Законот, на добороволна база? Нашето барање и барањето на Министерството за економија е туристичката инспекција да преземе сѐ, но да дејствува во соработка со општините. И, секако, да нема казнување, туку едукација, истакнува Јаневски.

Според него, прва и основна работа е дисциплината на луѓето кои издаваат. Ингеренции во овој домен имаат локалната власт и пазарната инспекција. Вкупно 80 отсто од парите од туристичката такса се за Општината, а 20 проценти за државата. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука