јануари 18, 2023

Охрид, 18. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Поттикнат од членовите на Facebook групата Муабети од Охрид и околината, охриѓанецот Ѓорѓи Љатко одлучи преку книга да направи сублимат на дел од интересните муабети, настани, обичаи во градот во периодот на 60-те и 70-те години на минатиот век.

Во групата може да членува секој и да даде придонес со споделување искуство или прераскажување на муабетите од предците за случките што одбележале едно време.

Со авторот Љатко поразговаравме за „функционирањето“ на групата, идејата за печатење книга пишувана на охридски дијалект и што сé може да се прочита во неа.

Нема достапен опис

Супер радио: Како дојдовте до идеја напишаното на социјална мрежа да биде пренесено и на хартија?

Љатко: Идејата дојде од самите членови на групата, јас сум администратор, а муабетите дојдоа од луѓе кои не користат многу интернет, па рекоа дај нешто напиши да може да го читаме и така дојдов до идеја за книга. Во неа има по неколку записи, не се сите, опфатени се дел, она што мислевме дека е поинтересно.

Супер радио: Што сé содржи книгата?

Љатко: Книгата содржи главно настани што се случувале во Охрид во 60-те, 70-те години, опишано е нашето детство, моменти што тогаш се случувале во градот, луѓе кои тогаш не да биле на функции, туку обични луѓе со животно искуство. Опфатени се обичаи, начинот на живот во тоа време, тогаш условите за живот беа поинакви, поголеми фамилии, немало многу електронски уреди, интернет, едноставно било само едно радио присутно и тоа било сé што сме имале дома од такви уреди. Потоа опфаено е она што се работело во тој период, занимања и занаети што сега веќе ги нема, со еден збор како се функционирало во Охрид.

Нема достапен опис

Супер радио: Кој помогна во создавање на книгата?

Љатко: Повеќето се мои написи, а има и од други членови. Во написите се вметнати и дел од коментарите, тука се споменати многу луѓе. Некои на кои не се сеќавав ќе дополнеа со коментари членовите на групата, за работи што сум ги испуштил. За техничкиот дел најмногу ми помогна Марија Новак. Има уште настани што може да се прикажат, но за тоа во некој следен дел од книгата. Инаку оние што се заинтересирани да ја прочитаат, книгата „Муабети од Охрид“ може да ја набават во книжарницата „Просвета“, во старата чаршија.

Супер радио: Колку членови брои групата и какви сé содржини се споделуваат?

Љатко: Групата постои од 2020 година, ја создадовме во време на Covid-19 пандемијата. Почнавме прво со една друга група, „Стари охридски зборови“. Идејата беше да се споделуваат стари зборови, со збор два објаснување, но луѓето почнаа да пишуват подолги објанувања и така се роди и идејата да настане сега оваа група, да пишуваме за настани и моменти што порано се случувале во Охрид. Инаку, моментално групата брои околу 4.500 членови, може секој да членува и да даде придонес. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука