Охрид, 27. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Советниците едногласни за спас на Веслачкиот клуб “Југ”.
На денешната седница на градскиот совет беше изгласан заклучокот заедно со предложените план и мерки за продолжување на постоењето и активноста на клубот. Во моментов, заклучно со 13 март 2017 година, долгот на клубот е 1 232 400 денари. Според одлуката првично треба да бидат исплатени 300 000 денари, а остатокот од долгот зависно од финансиските можности на општината ќе се сервисира до крајот на 2017 година.
ВК “Југ” дефинитивно е симболот на град Охрид. Ние немаме никаква друга основа освен да го поддржиме клубот, истакна Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ.
– Но, овде мора да напоменеме дека ние пред 2- 3 години имавме барање од клубот дека се потребни 300 000 денари и со тоа уште тогаш ќе беше решен проблемот, барем од финансиски аспект. Со оглед на тоа што не се презеде ништо, дојдовме во ситуација долгот да нарасне над 1 200 000 денари, рече Стојаноски.
Советникот Јоне Станкоски истакна дека после тригодишна борба во советот, успеавме да ги убедиме градоначалникот и останатите претставници во локалната самоуправа дека ВК “Југ” треба да продолжи да живее.
– Еден дел средства ќе се одобрат веднаш за покривање на трошоците во однос на извршните решенија, останатите средства треба да се доисплатат во текот на оваа година. Останува на Локалната да влезе во разговор со извршителите да се намалат и каматите кои се наталожувале, рече Станкоски.
Овој клуб функционира над 85 години и ваквата реакција сепак е задоцнета затоа што пред година и пол две ние инсистиравме да се реши овој проблем кога средствата беа помали и изнесуваа околу 450 000 денари, подвлече советникот Павел Попоски.
– Сепак важно е што точката за спас успеа да дојде на дневен ред. Долгот, до конечната негова исплата секојдневно ќе расте, по основ на камати на главниот долг, трошоците за адвокатски услуги и извршители. Сега треба да се задолжи градоначалникот во текот на оваа година да стапи во контакт со извршители, адвокати, МПЦ обврската да се намали и до крајот на оваа годона општината сумата да ја исплати во целост. Исто така се задолжува општината да обезбеди, во моментов, привремен престој во СРЦ “Билјанини извори” со тоа што ќе се преземат активности кај поранешниот ресторан “Котва” да се направи центар каде ќе бидат сместени сите спортови на вода, рече Попоски.
Охрид нуди извонредни можности за развој на спортот, особено за спортовите на вода. Па,затоа како што заклучија советниците, состојбата со Веслачкиот клуб “Југ” нека биде само една поука како да се постапува во иднина и да не се дозволи вакви проблеми да затропаат и на вратите на другите охридски спортски клубови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес