септември 17, 2020

Охрид, 17. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во редовите на ГРК Охрид нема позитивни случаи на COVID-19, по информацијата дека ракометниот клуб „Голден арт КЛ7“ е во изолација, бидејќи 16 лица од тимот се позитивни.

Спортскиот директор на ГРК „Охрид“, Горан Недески во изјава за Супер радио и OhridPress рече дека по пет играчи од клубот се тестираат секоја недела по случаен избор и резултатите досега се негативни.

– Според статутот што го објави РФМ се тестираме секоја среда. На почеток на првенство беа тестирани сите играчи, а потоа секоја среда по случаен избор се тестираат по пет играчи. Вчера сите беа негативни. Сега е неизвесна состојбата, може да дојде и до прекин на првенството, па чекаме да видиме дали ќе се одржи утрешниот натпревар против Радовиш, изјави Недески.

Во меѓувреме пристигна и официјалната информација од клубот од каде информираат дека натпреварот од третата рунда во Супер лигата помеѓу екипите на Охрид и Радовиш е одложен, а Групата А е ставена во мирување 15 дена после позитивните случаи на COVID-19 во тимот на „Голден Арт КЛ7“.

Ракометниот клуб „Голден арт КЛ7“ информира дека по натпреварот од второто коло на македонската ракометна Супер лига, кој се одигра во Радовиш против истоимениот тим, кај дел играчи се појавиле симптоми карактеристични за коронавирусот (покачена температура, губење на вкус и мирис). Извршени се тестирања за COVID-19 на целокупниот играчки кадар, стручниот штаб и комплетната логистика на клубот, по што се откриени 16 позитивни резултати.

Ракометната федерација на Република Македонија донесе одлука Групата А во која се натпреваруваат КЛ7, Радовиш, Охрид, Јуниор К.В, Струга, Пролет, Астраион… да бидат надвор од терените во текот на наредните 15 дена. На сите им препорачуваат да направат дополнителни тестирања. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука