Охрид, 4. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во четвртокот имаше обид за бојкот од една паралелека, денеска се сите комплет на настава, и истата се одвива нормално, вели за Супер радио и OhridPress директорката на ОУ „Христо Узунов“ Оливија Пирузева- Јанева.
Претходно, родители на деца кои учат во ова училиште ја контактираа редакцијата на Супер радио и информираа дека ученици од трето одделение не посетувале настава во знак на протест за електронските учебници. Несогласувањата со идејата да се воведат дигитални учебници, коишто треба да ги заменат печатените, ескалираа со делумен бојкот во училиштата.
Учениците и родителите деновиве се пожалија дека добиваат пораки во кои се повикуваат да ја бојкотираат наставата во основните и средните училишта. Такви пораки и понатаму циркулираат на социјалните мрежи, а од нив се оградија од Сојузот на средношколци. Во меѓувреме, група родители пред Министерството за образование и наука почнаа да собираат потписи против законот за учебници, а најавија и бојкот на наставата со цел да изразат револт против најавената дигитализација на учебниците. Станува збор за неформална група граѓани кои бараат да се организира јавна расправа за предложениот закон.
Периодов наназад се разви сериозна дебата за предлогот за воведување на дигиталните учебници. Јавноста е поделена и иако најголемиот дел од граѓаните се против искоренување на печатените учебници, сепак се потенцира и фактот дека дигиталниот учебник е корисна алатка.
Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека училиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик што поради каква било причина нема можност да ги користи електронските учебници, со тоа не мора тој дел да е на товар на ученикот. Ова се однесува и за учениците со оштетен вид за кои државата ќе печати учебници на Брајово писмо, покрај достапноста на секој учебник во аудиоформат.
Министерката за образование Мила Царовска уште во септември лани најави дека при секоја следна набавка на учебници и лектири, кои се користат во образовниот процес, во договорите ќе се вметне и клаузулата за електронско издание кое ќе им биде достапно на учениците, пред сѐ за да се надмине константниот проблем на недостаток на учебници кој е провлекува со години.
Сега само 40 отсто од сите учебници се достапни во електронска верзија, а ситуацијата со ковид го забрза овој процес, односно, Царовска смета дека сега е време да се исправи грешката што ваквата опција досега не била ставен во досегашните договори за набавка.
Дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет години, и во сите погорни одделенија. Учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени учебници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес