август 12, 2024

Скопје/Охрид, 12. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Државниот правобранител на Република Македонија Агрон Речи поднесе неотповиклива оставка, како што наведува во оставката, поради лични причини.

Од Владата бара да ја прифати оставката на наредната владина седница и согласно Законот за државно правобранителство најдоцна во рок од седум дена од престанокот на вршење на функцијата, да биде именуван за државен правобранител со седиште за подрачјето на Охрид, од каде бил именуван пред стапување на функцијата.

Речи со одлука на Владата, од 18-ти април 2023 година беше именуван за државен правобранител. Претходно ја врши функцијата државен правобранител за подрачјето на Охрид, каде е именуван со одлука на Влада од ноември 2020 година.

– Оваа оставка ја поднесувам од лични причини, од кои најдоминантно влијание врз ваквото мое одлучување имаше околноста што сум фамилијарна личност, со оформено семејство кое не живее во градот каде што ја обавував функцијата. Одвоениот живот од семејството го инсинуира овој формален чин на напуштање на функцијата од моја страна. При потполно чиста совест и здрав разум, неприсилен од никого поднесувам неотповиклива оставка од функцијата државен правобранител на РМ, поради лични причини, се вели во оставката на Речи.

Од денот на моето именување, се до овој момент, Речи нагласува дека достоинствено се соочил со сите предизвици кои се појавиле во поглед на правната заштита на имотните права и интереси на државата, преку редовно преземање на соодветни мерки и правни средства, вршејќи ги своите надлежности.

– Државното правобранителство, вклучувајќи ме мене како носител на шефовската функција, чесно и доблесно ги извршуваше своите законски овластувања и обврски во поглед на застапување на државните и јавните органи во РМ, без во ниту една ситуација да наоѓа алтернативи и механизми за избегнување на одговорностите, стои во оставката доставена до Владата на Република Македонија. (Крај)

извор: Тв 21 фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука