Охрид, 1. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Тетово – Попова Шапка, крак Маврово – Дебар и на планинските премини „Стража“, „Барбарас“ и „Пресека“, информираат од АМСМ.
Поради оштетување на средниот столб на мостот на река Пчиња, на патниот правец Р2136 Ржаничино – Долно Коњаре има забрана за движење на тешки товарни возила над 7,5 тона и автобуси. Забраната за движење, поради свлечиште кај с. Ратавица, на патот Киселица – Злетово во општина Пробиштип е сеуште на сила.
Поради надојдените води од реката Крива Лакавица во прекин се патните правци кон селата Степанци и Суво Грло.
Штетата на мостот на патниот правец Радовиш – Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично, по една коловозна лента.
Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива отежнато и по влажни коловози поради врнежи од снег во југозападниот дел од Македонија, додека во останатиот дел врне дожд. Поради влошените услови за сообраќај, препорачуваме до сите возачи да не се тргнува на пат во ноќните часови, доколку потребата не е итна.
Од АМСМ препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга и Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Возачите имаат законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, која трае до 15-ти март. (Крај)
извор: АМСМ фото: архива