Скопје/Охрид, 17. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, пожарот на Галичица гори на тешко пристапен терен и од страната на Охрид и од страната на Преспа.
– Тоа е карпест терен на кој човечка нога не може да стапне. Хеликоптерот фрли неколку корпи вода на овој тешки пристапен предел, но линијата е голема, вели Ангелов.
Тој најави дека денеска на Галичица ќе се гасне со три хеликоптери за да се постигне подобар ефект.
Во текот на вчерашниот ден во Република Македонија имаше имаше вкупно 48 пожари на отворен простор, од кои во моментов 13 се активни, осум се под контрола, а 27 се изгаснати, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според утринскиот билтен, во регионот на Охрид активен е пожарот на Галичица, каде на исток се шири во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа. Гори нискостеблеста вегетација и букова шума.
Како што веќе информиравме, бројни екипи на пожарникари, вработени во НП „Галичица“, ДСЗ, ЦУК, ПСС и волонтери, од рано утрово ја продолжија борбата за спас на планината Галичица.
Координирани од одговорните лица, тие гасат од земја, додека утрово веќе се интервенира и од воздух со хеликоптер.
На терен е присутна и соодветна механизација која ќе помогне во креирањето на појаси за да се спречи ширењето на пожарите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес