Скопје, 3. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Бројот на странски туристи е покачен за 12%, а бројот на ноќевања за 15% споредбено со изминатите две години, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).
– Порастот во бројот на туристи и ноќевања се одразува и во пораст на девизниот прилив по ставка туризам, каде се регистрира пораст од 16.7% за 2018 година. Исто така во првите два квартала од 2019 година, забележан е пораст од 1,3%, споредбено со истиот период 2018 година, односно 153,89 милиони долари. За првите 6 (шест) месеци од 2019 година зголемувањето на бројот на туристи продолжува за 4%, додека ноќевањата за 2%, споредбено со 2018 година. И тоа, бројот на домашни туристи е зголемен за 5%, додека кај бројот на странски туристи има пораст од 4%. Бројот на ноќевања остврени од домашни туристи имаат пораст од 1%, додека остварени ноќевања по основ туризам од странски туристи имаат згоменување од 3%. Најбрзорастечките пазари(по број на пристигнати туристи) споредбено 2018-2019 година. Полска како туристички пазар (односно раст на бројот на туристи) има зголемување од 73%, Хрватска има раст од 53%, бројот на туристи од Словенија е зголемен за 32%, бројот на посети од Израел е зголемен за 32%, додека бројот на туристички посети од Албанија е зголемен за 19%, информираат од АППТ.
Додаваат дека во центарот на нивното внимание секогаш се активностите поврзани со континуираниот раст на странските туристи. Според движењата на пазарите во регионот, предвидувањата на светската туристичка организација и движењата на туристичкиот сектор за 2019 година предвидениот раст ќе се движи помеѓу 3% до 5% во бројот на туристи и остварените ноќевања за 5% до 7%. Ова ќе овозможи дополнителен девизен прилив и кои се предвидува да достигне до 400 милиони долари.
– Достигнувањата на полето од промоцијата и поддршката и евидентните успеси со доброто стратегиско планирање за 2020 година треба да помогнат во целта на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за продолжување на позитивниот раст на туристичкиот сектор во 2020 година. Со исполнување на стратегискиот план се очекува позитивен ефект врз туристичкиот сектор и овозможување на раст од 5% до 7% на туристите и остварените ноќевања, односоно да се надмине бројката од 1,3 милиони туристи и што поблиску до 4 милиони ноќевања, потенцираат од АППТ. (Крај)
извор: АППТ фото: ОхридПрес