Охрид, 7. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од рубриката „046 За Охрид се зборува!“ и пошироката анализа за работата на пратениците во последниот парламентарен состав 2020-2024 година, разговаравме со д-р Грација Бакраческа, пратеник од Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во интервју за Супер радио и Ohridpress вели дека во текот на нејзиниот мандат биле поднесени бројни предлог-закони и амандмани кои се однесуваат во делот на обезбедување на финансиски средства за реконструкции на јавните здравствени установи. Сепак, истите поради теснопартиските интереси и бизнисите биле одбиени. Покрај започнатиот автопат Охрид-Кичево, за кој потенцира дека бил оставен со 50% реализација, потсетува дека останал недозавршен затворениот базен, Конгресниот центар, фабриката за отпад итн. За пратениците од Охрид кои ќе бидат дел од следниот парламентарен состав, вели дека треба да се одликуват со чесност, искреност, трудољубивост и да се грижат за интересите на нашиот град и на охриѓани.
OhridPress: Осврт на вашиот мандат како пратеник, иницијативи што сте ги разговаралеили поднеле за проекти во Охрид.
Бакраческа: Ви благодарам на можноста да слушнат граѓаните за работата во текот на мојот мандат, кој што го започнав подоцна од останатите пратеници, но и покрај тоа сметам дека успешно се вклопив и се справувам со сите предизвици. Поминаа две години од мојот мандат како пратеник во Собранието на Република Македонија и за овој краток период максимално сум посветена во работата, активно сум вклучена во парламентарните дискусии кои секако се аргументирани и јасни, со кои директно го застапуваме цврстиот став. Но, секако дека не е исто да се делува од позиција на власт и од опозиција. Нема дијалог за клучни прашања од страна на власта, се злоупотребува европското знаменце, се носеа закони за заеми и тоа после критиките на Европската Унија и можам да кажам дека нивото во парламентот е на многу ниско ниво. Но, и покрај тоа, ние се залагаме како пратеници да ги подобриме условите за доброто на секој охриѓанец, за заштита и на интересите на Охрид, на граѓаните, на македонската држава, Охрид да го направиме едно достојно место за живеење преку реализирање на предвидените проекти, да го подобриме квалитетот на живеење во нашиот град. За мојата двегодишна работа, како пратеник во Собранието на Република Македонија, се моите дискусии на пленарните седници, моите реплики, контра реплики, поднесување на предлог закони, законски решенија и поднесените амандмани. Имавме поднесено голем број на амандмани, предложени се бројни законски решенија во интерес на граѓаните, но поради теснопартиските интереси и бизнисите се одбиени.
OhridPress: Што според вас е најголемиот придонес за Охрид од Ваша страна за време на мандатот?
Бакраческа: Бидејќи доаѓам од секторот на здравство, повеќето предлог-закони и амандмани се однесуваат во делот на обезбедување на финансиски средства за реконструкции на јавните здравствени установи, на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, за Специјализираниот центар за кардиоваскуларни заболувања – Кардиолошкиот завод, за Општата болница, за изградба на нов Здравствен дом на местото на руинираната „Маларична“, за набавка на специјален пловен објект кој би служел за превенција и интервенирање во итни случаи во медицинска, во противпожарна и спасувачка цел по охридското крајбрежје, особено пример за противпожарна заштита во оние недостапните делови во стариот дел, Канео, каде нема достапност од копно. Меѓутоа, за жал за ова немаат пари. Можам да кажам дека здравјето и животите на граѓаните пред сé за мене секогаш биле на прво место. Затоа и понатаму ќе продолжам да се борам со сите средства што ни се дадени на располагање. Овој мандат беше исполнет со бројни предизвици и искушенија, меѓутоа нашата сплотеност и цврстиот став на претеничката група, заедно успешно се справуваме со сето тоа. И овој мандат ќе го паметам по безидејното, неспособно владеење на оваа власт, на СДСМ и ДУИ во коалиција, неспособност во однос на справување со кризите. Имавме здравствена криза, потоа имавме економска, енергетска криза, бројни скандали, нефункционалност на институции, корупција, криминал. Но можам да кажам дека не сум нем посматрач, тоа го докажуваат и моите дискусии во парламент. За Охрид можам да кажам дека на барање на трговците поднесовме предлог закон согласно кој трговијата на мало ќе може да се врши и во недела, не само во Охрид туку и во други туристички места, утврдени со Законот за туристичка дејност. Е сега, овој закон, ние прво го поднесоваме, меѓутоа беше повлечен од страна на власта, за истиот повторно да биде доставен со некои минимални технички измени, и бидејќи станува збор за барањата на граѓаните, на охриѓаните, го поддржавме без оглед од која страна е поднесен. Со изгласување на овој закон се заштитува фактички локалната економија на Охрид и туризмот и бидејќи за викенд и нормално и во другите туристички места, не само за Охрид имаме најголема посетеност на голем број туристи, сметам дека тоа е успех за сите. Можам да кажам дека особено сум горда што сум дел од оваа генерација, на оваа пратеничка група и коалицијата заедно со претседателот проф. д-р Христијан Мицковски, што не дозволивме газење на достоинството на македонскиот идентитет, понатаму негирање на македонската историја и култура, со што не го разочаравме народот и стоиме и понатаму цврсто на браникот на татковината.
OhridPress: Што според вас можело, а не се направило?
Бакраческа: И покрај сите апели, покрај сите прес конференции што сме ги одржале, дискусии во контекст на изградба на автопатот Охрид-Кичево, кој беше започнат од 2014 година, февруари, од страна на Владата која што е предводена на ВМРО-ДПМНЕ беше 50% веќе изграден, сметам дека во изминатите 7 години можеа да го завршат. Но, поради нивната неспособност и криминалното владеење, ние не бевме послушани. И ако власта беше работлива и одговорна, можеше многу да направи за Охрид. Сé што беше ветено од нивна страна остана само на хартија. Како на пример остана недозавршен затворениот базен, понатаму конгресниот центар, фабриката за отпад итн.
OhridPress: Кои се вашите планови и ангажмани во иднина?
Бакраческа: И понатаму ќе продолжам да се залагам, да го развиваме градот, да ги задржиме младите, да го направиме Охрид да биде пристојно место за живеење. Во парламентот ни претстои расправата за буџетот, во која секако дека ќе бидеме фокусирани на барањата за да бидат прифатени нашите предложени амандмани за градот Охрид, а понатаму ни следува предизборната кампања, во која што ќе ја побараме нормално поддршката и довербата од граѓаните, понудувајќи предизборна програма, проекти кои што ги планираме и ќе ги реализираме по падот на ова неспособна власт.
OhridPress: Порака до идните пратеници од Охрид во македонското Собрание.
Бакраческа: Чесноста и одговорноста. Она што секогаш сум била достапна за граѓаните, се мои одлики поради што и ја добив довербата од граѓаните и сметам дека луѓето и граѓаните бараат активност во парламентот и затоа и нé избрале и сметам дека мојот труд ќе го оценат. Така и наредните пратеници кои што ќе бидат во наредниот парламентарен состав ќе се одликуват со чесност, со искреност, со трудољубивост и ќе се грижат за интересите на нашиот град, на охриѓани. За мене благодет е да се живее во Охрид, во мојот роден Охрид, најубавиот град. Среќна сум покрај езерото, ме исполнува со позитивна, со смирувачка енергија, едноставно, поинаку се дише. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес