Охрид, 5. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) од Oхрид, во соработка со престижниот француски високообразовен институт CIFE ја организира втората летна школа – Балкански летен универзитет на тема: „Развој на Балканскиот регион – економија, соработка, животна средина“ (Development of the Balkan region – economy, cooperation, environment).
Летниот универзитет е уникатен и единствен во нашата земја затоа што студентите кои го посетуваат истиот не само што ќе бидат сертифицирани од ЦИФЕ и УКЛО туку ќе може да добијат и 4,5 ЕКТС кредити кои се меѓународно признати во сите европски универзитети.
ЦИФЕ е високообразовен и истраживачки институт формираран во 1954 година со седиште во Ница, Франција и има свои филијали во Берлин, Брисел и Истанбул, а е дел и од Жан Моне програмата на ЕУ. Претседател на овој институт е Херман ван Ромпуј – претседател на Европскиот совет, а почесен претседател е Жан Клод Јункер – претседател на Европската комисија.
Покрај многуте академски програми од сите циклуси на студии што ги нуди овој институт, ЦИФЕ организира и нуди програма на Летни универзитети. Дел од Летните универзитети е и градот Охрид кој преку ФТУ Охрид, Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола, а во соработка со овој престижен иститут го организира организира Балканскиот летен универзитет.
Оваа година настанот ќе се одржува од 9-ти до 15-ти септември во просториите на ФТУ во Охрид. Предавачи на истот ќе бидат реномирани професори од Македонија, Австрија, Хрватска и Србија. Учесници на Балканскиот летен универзитет ќе бидат студенти од повеќе земји: Македонија, Германија, Романија, Британија, Турција, Италија, Конго и др. кои студираат на познати светски универзитети од Болоња, Хамбург, Минхен, Грац, Истанбул, Хаг, Клуж, Кинсаша, Бејрут и други места.
Посебна привилегија ќе имаат студентите од ФТУ и останатите студенти од УКЛО за кои Факултет одлучи да не плаќаат котизација за слушање на предавањата и полагањата (за тие што ќе сакаат да добијат 4.5 ЕКТС кредити) на летната школа. Со оглед дека бројот на места на студенти од Македонија е ограничен, предност за учество ќе имаат студентите кои први ќе се пријават. Единствен услов е да имаат познавање на англиски јазик, затоа што предавањата ќе бидат на истиот. (Крај)
извор: ФТУ фото: архива