Струга, 15. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – По се’ изгледа, Преспа форумот за дијалог кој се одржува во Струга, а на кој учествуваат високи гости, чие присуство подразбира и сериозни безбедносни протоколи ќе биде вистински тест за полицијата, но и за трпението на граѓаните.
Читатели на OhridPress попладневно испратија фотографии до нашата редакција на кои се гледаат големи колони кај Езерски лозја.
– Чекаме најмалку половина час. Луѓето се нервозни, брзаат да завршат некоја работа, стои во дописот.
Со оглед на исклучително значајниот настан кој се одвива во Струга, од СВР Охрид и ОВР Струга вчера испратија апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците и другите локации.
– Активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на одредени објекти, локации и сообраќајници, каде е предвиден престој и движење на најавените делегации. Денеска од 16:00 часот на сила ќе биде забраната за паркирање и сообраќај на моторни и други возила на улицата „Партизанска“ од кружната крстосница со „Маркс и Енгелс“ до „Владо Малески“ и улицата „15-ти корпус“ во Струга. На 15-ти јуни 2023 година, под посебен сообраќаен режим и сообраќајно обезбедување, ќе бидат и останатите локални и регионални патишта со посебен акцент на улицата „Партизанска“, како и на дел од магистралниот пат Струга-Ќафасан каде, ќе има повремен прекин на редовниот сообраќај заради приоритет на движење на возилата под придружба, информираат од СВР Охрид.
Во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски, денеска во Струга запoчна третото издание на Преспа форумот за дијалог насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?”. Меѓу потврдените учесници се новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на Албанија, Бајрам Бегај, претседателите на Владата на Црна Гора и Косово, Дритан Абазовиќ и Аљбин Курти, министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, министрите за европски прашања од Србија и Албанија, Тања Мишевиќ и Мајлинда Дука, Питер Бурк од Ирска; Мартин Дворак од Чешка, генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, генералниот потсекретар на Обединетите нации, Мирослав Јенча, генералната потсекретарка на UNDP, Ивана Живковиќ и др. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес