август 14, 2024

Охрид, 14. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид изминатиов период се вршеа засилени градежни активности.

– Благодарение на општествено одговорни компании управната зграда доби нова фасада и прозорци, променет е дел од кровот што беше со азбестни плочи, а добиена е и нова машина за чистење на подови, информираат од новиот менаџерски тим, кој со ова го заокружи сработеното во првите шест месеци од оваа година.

Во знак на благодарност, на претставници на компаниите „Јосифов“, „Кармен Бауцентар“, „Пепе компани“ и „Охридски бисер Филеви“, „Ала компани“ и „Скендер пром“ им беа врачени икони од заштитникот на болницата, „Св. Еразмо“.

Оваа работа без љубов не може да се работи, а тоа што сум директор го разбирам како обврска, не како привилегија, вели ортопедот доктор Јордан Смически, кој е новиот директор на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.

Оваа здравствена установа го осигурува третманот на сите заболувања, специјалистичко-консултативна и болничка, на локомоторниот апарат. За дел од услугите, како што е оперативниот третман на деформитети на ‘рбет и оперативно лекување на ортопедски и трауматолошки случаи по методот на Илизаров, болницата е единствена на територијата на Република Македонија.  Како болница и тим специјалисти се пионери во изведување на некои сложени хирушки зафати, а спектарот на интервенции постојано се проширува.

Покрај пациенти од нашата држава, во оваа болница со децении се лекуваат и пациенти од странство. Низ бројки, во текот на минатата година во болницата се лекувани 1.868 пациенти, од кои најмногу биле од Охрид – 499, има вкупно 225 вработени, 26 доктори специјалисти.

Предизвиците со кои се соочува институцијата се пред сѐ инфраструктурни, веќе седум години се во реконструкција и сѐ уште не се знае што ќе се прави со проширениот дел од болницата, дали таму ќе го има и Центарот за кардиологија. Недостиг на кадар има, но засега успеваат да излезат во пресрет на сите пациенти. Во 2023 година во болницата се лекувани 1.868 пациенти, има вкупно 225 вработени, 26 доктори специјалисти.

Болницата е формирана на 19-ти јули 1950 година, како Специјална болница за коснозглобна туберкулоза. Низ повеќегодишниот стручен, кадровски, просторен, технички и економски развој во болницата се создадоа услови, покрај костната туберкулоза успешно да се лекуваат и сите други ортопедско трауматолошки заболувања така таа се разви во специјализирана здравствена организација за давање на здравствена заштита во областа на ортопедијата и трауматологијата и костнозглобна туберкулоза, но само за десет години во 1988 година прерасна во Институт за ортопедија и трауматологија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Be1 Digital Marketing

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука