Скопје/Охрид, 22. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Проектот на автопатот Кичево-Охрид е многу стар и е претходно изработен. Денеска Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) изработуваше нов проект за 25% од трасата и заради тоа 10 години работиме бидеќи сите овие постапки одат многу побавно, со нови проектантски куќи, со лоши проекти, со стари проекти кои не ја отсликуваат реалната слика на терен, изјави вечерва за емисијата „Топ тема“ на Тв Телма министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски.
– Денеска бев на терен на автопатот Кичево-Охрид. Имав средби со изведувачите, со подизведувачите, со надзорниот орган и директорот на Јавниото претпријатие за државни пратишта. Ги отстранивме сите проблеми на трасата. Денеска се работи и пред Охрид и на целата траса, едната страна е веќе приспособена пред Охрид. Ќе одиме на терен со новинарите во текот на наредните месеци и ќе се види прогресот на терен. Сите проблеми се отстранети и изведувачите имаат голем фронт за работа, напомена министерот Бочварски.
Вицепремиерот во Владата на Република Македонија Артан Груби пред помалку од два дена, автопатот Кичево-Охрид го нарече „несреќен проект“ започнат во 2013 година и рече дека неговото завршување ќе биде на крајот на годината или на пролет наредната година, ставајќи го под знак прашалник завршувањето на овој проект во предвидениот рок и остави простор за нов анекс на договорот.
– Веќе е отворена трасата на патот Кичево-Охрид, се гради, работите се интензивирани и само што се договоривме со премиерот следната недела да ги повикаме градителите на тие работи и да побараме да се интензивира доизградбата околу годинава или напролет следната година на тој автопат, изјави првиот вицепремиер за Тв21.
Изградбата на автопатот започна во 2013 година. Првично требаше да заврши во 2018 година, потоа рокот беше поместен за јуни 2021 година, а потоа до крајот на 2023 година. Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата е двојно зголемена и изнесува околу 600 милиони евра. Автопатот Кичево-Охрид е дел од коридорот 8. (Крај)
извор: Тв Телма фото: Тв Телма