Скопје, 17. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – По регистрираните уште пет нови случаи на заболени од Корона вирус во Македонија, бројката се искачи на 23 пациенти.
– Две лица кои имале симптоми на грип се јавиле во лабораторијата на Клиниката „Жан Митрев“. Тие биле спроведени по протоколот на болницата, земени се материјалите и тестовите се позитивни. Меѓутоа, ние тие тестови поради усогласување и унифицирање на методата на тестирање, ќе ги тестираме во нашата лабораторија. Во мометов состојбата во земјата е 23 потврдени случаи на коронавирус преку лабораторијата на ИЈЗ Скопје, истакна на синоќешниот прес министерот за здравство Венко Филипче.
Според заклучоците на Советот за национална безбедност, нема потреба од прогласување вонредна состојба за да се спречи ширењето на коронавирусот.
– Сосема е неважно од аспект на ефектите кои што сакаме да ги постигнеме или веќе ги постигнуваме, како ќе ја наречеме состојбата. Споредувавме во кабинетот што содржат прогласените вонредни состојби во соседните земји, од Бугарија преку Србија, Косово и Албанија, ние во многу ги надминуваме во ригорозност, доследност и консеквентност мерките кои се преземаат во сите тие држави, а тоа кај нив се нарекува вонредна состојба. Можно е во и во оваа правна рамка во која сме денеска да се донесат дополнителни рестриктивни мерки за ограничување на движењето на граѓаните. Важно е што досегашните мерки се прилично ригидни за спречување на ширењето на епидемијата и тоа е проценето од меѓународните фактори како ефикасно, рече претседателот Стево Пендароски по состанокот на Советот за национална безбедност.
На синоќешната седница на Владата донесена е одлука за затворање на сите гранични премини за премин на странски државјани – патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците од дипломатскиот кор во земјава, како и за други лица, за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.
По Охридскиот, донесена е одлука за затворање и на Меѓународниот аеродром Скопје и граничниот премин на овој аеродорм, освен за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и легови без патници за позиционирање на воздухоплови.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров апелираше граѓаните да се воздржат од патување во странство и упати порака и до оние наши државјани кои имаат регулуран статус да останат во државите каде што престојуваат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива