август 8, 2017

Скопје, 8. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Венециската комисија ќе одлучува за двојазични банкноти, униформите на АРМ и за хартиите од вредност.

– Двојазични банкноти, униформи на АРМ и хартии од вредност се трите спорни прашања што од Владата одлучиле да ги испратат на оценка од Венециската комисија пред да ги вметнат во предлог-законот за јазиците. Ако се добие позитивна оценка, и тие три одредби ќе бидат додадени во законот, соопшти вицепремиерот Бујар Османи.

Во предлог-законот кој е објавен на страницата на Министерството за правда, сепак има одредба со која се регулира прашањето за униформите, но се однесува на полицијата, здравството и пожарникарството. Тие ќе бидат двојазични, но само во општините каде што има повеќе од 20 отсто Албанци. Тоа се однесува и на поштенските марки и уплатниците. Во член 8 се наведува и: (1) Книжните и кованите пари, како и поштенските марки, ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Предлог-законот предвидува и парични казни од 4 до 5 илјади евра. Па, така, во член 22 пишува: Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на органите наведени во член 1, став (3), член 2 (став 3), како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон. (2) Глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба ќе му се изрече на службеното и одговорното лице во органите од став 1 на овој член.

Инаку, според предлог-законот за употреба на јазиците, покрај македонскиот јазик, кој е службен на целата територија на Република Македонија, службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, односно албанскиот. Во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации, комисии, службен јазик, покрај македонскиот,  ќе биде и албанскиот. А истото важи и за единиците на локалната самоуправа.

За спроведувањето на законот ќе бидат издвоени 106 милиони денари од буџетот за 2018 година, од кои 16 милиони денари ќе се издвојат за формирање агенција и инспекторат за јазици. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука