Скопје/Охрид, 28. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во Кинотека на Република Македонија, вечерва од 20:00 часот ќе се одржи последната официјална филмска проекција за годинава.
Љубителите на филмската уметност ќе можат да погледнат дел од новопримените филмски материјали што Кинотеката ги прибра во годинава што изминува. Имено, една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали, односно на Филмскиот архив при Кинотеката – е токму прибирањето на филмови и придружни филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Така, Кинотеката годинава оствари соработка со реномираниот Филмски музеј „Ај“ (EYE Filmmuseum) од Амстердам, Холандија, Кинотеката на регионот Савоја (Cinémathèque des Pays de Savoie et de l’Ain) од Франција, Компанијата „Филмске новости“ (Filmske novosti) од Белград, Србија, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и повеќе приватни лица.
Повеќето од филмовите се црно-бели, без тон и се настанати во период од четириесетина години, од 1912 до 1952 година. Оние што се без тон ќе бидат придружени од „Лепи Џони“ на гитара и електрично пијано.
Меѓу филмовите е и 18. минутниот црно-бел филм под наслов „Од Листервелд до Охридското Езеро“ кој е повторно прибран од холандскиот „Ај“-музеј. Снимен е во периодот меѓу двете светски војни и целосно е посветен на Македонија. Во него е употребена соодветна македонска музика, а има и написи на холандски јазик што го илустрираат прикажаното. Во филмот се прикажани сцени од животот во Македонија во тој период: земјоделци, говедарство, лачење на волна, ткаење на разбој, Хавзи-пашините конаци во селото Бардовци, и селаните, градот Скопје, исламски сакрални објекти, Старата чаршија и занаетите, опинчари, кујунџии, валавичари, ромско семејство, ромски танци, манастирот Св. Наум Охридски на Охридското Езеро, снимки од езерото на населбата Варош во Охрид, панорама на градот, тесните калдрмисани улички во охридската чаршија, специфичната градска охридска архитектура, панорамски кадри од езерото, старите рибарски чунови, жетва на жито, ниви со афион, засекување на плодовите од афионските ќушки, девојки облечени во народни носии придружени со музиката на песната „Билјана платно белеше“, турски гробишта итн. (Крај)
извор: Република.мк/д-р Атанас Чупоски, филмолог советник фото: Република.мк