април 24, 2018

Струга, 24. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Поетот Виктор Шеќеровски е годинашен добитник на наградата „Книжевна далга“. Вака одлучи Советот на манифестацијата „Струшки книжевни средби“.

Големата награда се доделува за личниот придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и на балканските книжевни вредности во светот и за воспоставување нови патишта на соработка, а ја доделува  Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.

Виктор Шеќеровски е поет, есеист, литературен критичар и преведувач. Роден е 1942 година во селото Радожда, струшко. Дипломирал на Факултетот за организациски науки во Белград. Долги години беше директор на издавачките куќи „Графос“ и „Југограф“ од Белград. Директор е на „Македонскиот информативен – издавачки центар” во Србија.

Шеќеровски пишува на македонски и на српски јазик. Автор е многубројни книги поезија, литературна критика и есеи, а превел и многу книги од македонски на српски јазик и обратно. Член е на Здружението на писателите на Србија и Друштвото на писателите на Македонија. Живее и работи во Белград. Добитник е и на голем број награди и признанија – Исељеничка грамота 2008 година на Матицата на иселениците на Република Македонија и на многубројни награди во Србија, Македонија, Бугарија…

Наградата „Книжевна далга“ на лауреатот  Шеќеровски ќе му биде предадена на манифестацијата „Струшки книжевни средби 2018“, што по осми пат ќе се одржи на почетокот на јули во Струга.
Досегашни добитници на високото меѓународно признание „Книжевна далга“ се Мерсиха Исмајлоска (Македонија), Миљурко Вукадиновиќ (Србија), Вања Ангелова (Бугарија) Олга Лалиќ Кровицка (Полска) и Ристо Василевски (Македонија). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука