јули 12, 2024

Охрид, 12. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од далечната 1961 година, секое лето, нашиот град е домаќин на светски познатиот фестивалот „Охридско лето“.

Веќе 63 години, градот крај Белото Езеро, град на многу културно-историски знаменитости, привлекува стотици изведувачи и многубројна публика за да се дел од оваа значајна културна манифестација. А, граѓаните на Охрид, од самите почетоци ја покажуваат својата гостопримливост и желба да го претстават својот град во најубаво светло.

Ленинградски солисти, 1991 година

Помнам, уште од првите години, граѓаните самоиницијативно, ги чистеа улиците пред своите домови, ги украсуваа дворовите, терасите и „пенџерите“ со најубави цвеќиња: „Да не се срамиме пред гостите!“. Големата камбана кај црквата „Свети Богородица – Перивлепта“ на Петровден го означува почетокот на секое ново фестивалско лето.

Ако за некоја приредба немаше доволно публика, директор Миле Волкановски (директор и помошник директор од 1964 до 1982 година) испраќаше некој од помошниот персонал да ги замолат „комшиите“ (Мандуловци, Паскалиевци, Карадимчевци, Тунтевци, Пендовци, Арнаудовци, Филевци, Попстефаниевци и други) брзо да дојдат и да бидат дел од публиката.

Свечено отворање, Македонска филхармонија, 1992 година

На луѓето кои беа редовни посетители им се издаваа посебни пропусници за сите приредби. Учениците од охридското Музичко училиште исто така можеа да добијат пропусници. Галеријата на црквата „Света Софија“ беше место од каде ние, учениците, можевме да ги следиме настапите на домашните и светски познатите солисти, хорови, камерни ансамбли, монодрами.

Тогаш немаше Интернет, па ние немавме доволно информации за големината и популарноста на странските изведувачи. Имавме привилегија не само да ги следиме нивните концерти, туку и да добиеме нивни автограми, кои долго и љубоморно ги чувавме.

Леонид Коган и Андре Навара

Од првиот музички концерт на првенката на Операта на Македонскиот народен театар Ана Липша – Тофовиќ и нејзиниот уметничкиот соработник, пијанистот Ладислав Пердлик, преку концертите на виртуозите, виолончелистот Анре Навара и виолинистот Леонид Коган, светот дозна за необичната акустичност, мистичност и архитектура на нашата „Света Софија“.

Ана Липша Тофовиќ и Ладислав Перлдиќ

Тоа инспирира многу други врвни уметници да покажат интерес за учество на овој фестивал. На другите сцени кои фестивалот ги освојуваше, Градскиот плоштад, Самуиловата тврдина, Долни Сарај, артиумoт на „Света Софија“ и „Свети Наум“, Сараиште, Билјанините извори, Плаошник и Амфитеатарот повеќе од шест децении се вкрстуваат врвните музички и драмски достигнувања на македонските и многу светски уметници.

Со искрена желба Фестивалот да продолжи да ја негува хуманистичката и уметничка порака на Деветтата Бетовенова симфонија и цивилизациски благородната максима на Гоце Делчев.

Виолета Карадимче Јанева

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука