јули 13, 2023

Охрид, 13. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Вкупниот криминал на подрачјето на СВР Охрид во текот на изминатите пет месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 22%.

Министерот за внатрешни работи во Владата на Република Македонија Оливер Спасовски, во рамки на проектот „Безбедно лето 2023“, денеска беше запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на РЦ Запад, СВР Охрид и ОВР Струга.

Во делот на тешките кражби, во текот на 2023 година, бележиме намалување на овој вид пријавени кривични дела за 38%, споредбено со истиот период лани. Класичниот криминал на територија на СВР Охрид во првите пет месеци од 2023 година бележи намалување 20%. споредбено со истиот период 2022 година.

Исто така се бележи намалување и во делот на економскиот криминал каде годинава во споредба со првите пет месеци од минатата имаме намалување за цели 38% на територија на СВР Охрид. Позитивен тренд се бележи и во областа на сообраќајот каде има намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

Од страна на СВР Охрид во првите пет месеци во текот на 2023 година реализирани се 52 настани за превенција. На подрачјето на ОВР Струга во првите пет месеци од 2023 година компаративно со истиот период лани бележиме намалување за 28% на вкупниот број регистрирани кривични дела. Во областа на класичниот криминалитет пак оваа година има намалување за 31% споредбено со минатата година.

Бројот на туристи пред самиот ек на туристичката сезона е зголемен за 40% – престој на странци до 3 месеци, годинава таа бројка изнесува 50.817 лица странци во споредба со истиот период минатата година кога таа бројка изнесуваше 36.843. Протокот на патници на граничните премини кои спаѓаат во склоп на РЦ Запад споредбено со истиот период од минатат година 2023/2022 бележи зголемување за 16% односно регистрирано е влез/излез 1.527.153 во споредба со минатата година кога бројката беше 1.320.304 патници.

Во делот на илегалната миграција се бележи намалување на илегални преминување на нашата граница како резултата на мерките и активностите кој се превземаат на терен и добрата поставеност на нашите служби, откриени се 36 лица при обид за незаконско преминување на државната граница од кои 4 од Мароко, 3 од Сирија, 2 од Палестина, 2 од Холандија и 25 лица од Албанија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука