јуни 26, 2023

Охрид, 26. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Додека вашиот портпарол се сонча и место него друг ви држи прес, екипи на ЈП „Градски гробишта“ веќе два дена работат на уредување на гробиштата од невремето, стои во реакцијата до изнесеното во дописот на ОО на СДСМ од Охрид од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Бевте казнети со кататстрофален пораз затоа што не бевте во служба на охриѓани и си поигрувавте со нивното достоинство. Безобразно и нехумано е да се користат верски празници или невреме за да ја критукувате неосновано хигиената и чистотата на градските гробишта. Непобитен факт е дека јавното претпријатие е со целосно намалени дневници и службени патувања и репрезентација. СДСМ Охрид е најкриминална партија затоа што го остави ЈП „Градски гробишта“ со долг од 1.000.000 денари, стои во дописот од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека од СДСМ зборуваат за човечко достоинство, а по налог на нивниот џелат во образованието извршиле ексхумација, без нималку срам и почит откопале гроб.

– Продававте над 250 гробни места, наплатени, но никогаш не се изработени за кои граѓаните плаќаа 80.000 до 100.000 денари. Критикувате без аргументи, а заборавате дека не дозволувавте закоп на покојници сè додека не се плати целосно гробното место. Охриѓани гледаат дека во Охрид се работи домаќински и посветено како од страна на Локалната самоуправа, така и на раководствата и вработените во јавните претпријатија. Охрид се сака со работа и дела, а не со деструкција за која СДСМ се експерти, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука