Скопје/Охрид, 11. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), во текот на јули 2024 година, во Охрид се издадени 15 одобренија за градба, од кои 7 на деловни субјекти и 8 на физички лица.
Според истиот извор, предвидена е градба на 161 стан, од кои 5 еднособни, 83 двособни, 68 трособни, 4 четорособни и еден седмособен. Вкупната корисна површина изнесува 9.891 м2. Во соседна Струга, издадени се две одобренија за градба, едно на деловен субјект и едно на физичко лице, со вкупна корисна површина од 24 м2.
Во истиот период на ниво на државата се издадени 374 одобренија за градење, што е за 33.6 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 207 (55.3 %) се наменети за објекти од високоградба, 75 (20.1 %) за објекти од нискоградба и 92 (24.6 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 374 објекти, на 200 (53.5 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 174 (46.5 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 808 станови, со вкупна корисна површина од 66.044 м2. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес